Продавал податоци за физички и правни лица, нудел услуги за измами, 20-годишен жител од Тетовско осомничен за комјутрески криминал

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 20-годишник од селото Голема Речица за повеќе дела од областа на компјутерскиот криминал.

За време на повеќемесечните предистражни дејствија координирани од јавен обвинител, се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение за извршено кривично дело – Компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, бидејќи осомничениот во периодот од 2025 до 2026 година администрирал нелегална онлајн група на комуникациската апликација „Телеграм“, преку која нудел услуги и софтверски алатки за измами поврзани со незаконско враќање парични средства.

Освен ова, тој е осомничен и за кривично дело – Злоупотреба на лични податоци од член 149, кое го вршел како администратор на домејни и веб-страници поврзани со платформата „OLVX“, која служела како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела. Главни корисници на платформата биле сајбер криминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки, а во периодот на функционирање на платформата биле понудени над 1.500 украдени пристапни податоци на жртви – физички и правни лица.

Врз основа на наредба за претрес обезбедена од судот по барање на јавниот обвинител беше извршен претрес кај осомничениот и беа одземени два мобилни телефони. Во скриен фолдер на еден од телефоните беше утврдено дека тој поседувал вкупно 29 видеа со експлицитна содржина на полови дејствија меѓу возрасни лица и деца. Поради тоа, 20-годишникот е осомничен и за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија според член 193-а од Кривичниот законик.

Имајќи предвид дека постои несомнен ризик од бегство на осомничениот на кој му се ставаат на товар неколку кривични дела, како и поради опасноста тој да продолжи да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор.

Scroll to Top