Управата за јавни приходи информира дека повратот на средства од мерката МојДДВ за скенирани сметки во третиот квартал од 2025 година продолжува, односно не е прекинат ниту откажан.
„Во процесот на исплата кај дел од спецификациите се појави технички проблем кој бара целосна преработка на истите. Имено, доколку постои дури и само еден налог каде се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници кои се во ист налог како и корисникот кој извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување. Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани, без исклучок“.
Од управата појаснуваат дека исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци е во тек, а за останатите ќе биде реализирана веднаш по завршување на техничката преработка.
Апелираат до граѓаните: доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, потребно е веднаш да направат ажурирање на податоците во системот.
„Со тоа ќе се избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата на сите корисници. Граѓаните можат да бидат спокојни – средствата кои им следуваат од МојДДВ ќе бидат исплатени“.







