Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во продолжувањето на градежните активности на улицата „Љубљанска“, со што по долг период на застој повторно се активира проектот за ставање во функција на мостот во општина Карпош.
Со продолжувањето на работите се прави значаен чекор кон решавање на еден од долгогодишните инфраструктурни предизвици и воспоставување клучна сообраќајна врска од интерес за целото Скопје.
Во објава на социјалните мрежи, градоначалникот Ѓорѓиевски информира дека проектот повторно е активиран откако бил стопиран поради потребата од обезбедување мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на археолошкиот локалитет Скупи, согласно законската регулатива.
„Конечно, по долг период на застој, продолжува изградбата на улицата „Љубљанска“, со што ќе се пушти во употреба мостот во Карпош. Довербата што ја добив од граѓаните е обврска да се решаваат проблемите кои со години беа наталожени“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека со обезбедувањето на потребната дозвола, културното наследство е заштитено, а градежните активности ќе продолжат со засилен интензитет по завршувањето на конзерваторските зафати.
„Со комплетирањето на делот од мостот до улицата „Скупи“, ќе се воспостави клучна сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје“, наведе градоначалникот.
Според најавите, новата сообраќајна врска ќе овозможи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, значително растоварување на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, како и побрз и побезбеден излез кон обиколницата.
Со проектот е предвидено отворање на нова современа сообраќајна оска и функционално решение за влезот во селото преку кружен тек или адаптивна семафоризација, во согласност со сообраќајните потреби.
„Нашата цел е намалување на сообраќајниот метеж, целосна заштита на културното наследство кај локалитетот Скупи и обезбедување безбеден и ефикасен проток за возила и пешаци“, напиша Ѓорѓиевски, додавајќи дека унапредувањето на патната и сообраќајната инфраструктура останува еден од врвните приоритети на Градот.







