Пронајдени 15 мигранти во гевгелиско, приведени двајца криумчари

Полицијата откри 15 лица мигранти во гевгелиско. Во врска со случајот се приведени двајца криумчари против кои ќе следува пријава.

Според информациите на МВР,  вчера околу 20:00 часот во близина на ловиште „Погана“, гевгелиско, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишија од слобода Д.Ј.(37) од Кaвадарци.

Претходно, на местото, полициските службеници забележале група од 16 лица мигранти(13 од Египет, двајца од Турција и еден од Сирија) и во нивна близина е затекнат Д.Ј. со возило „шевролет каптива“ со кавадаречки регистарски ознаки. При преземање мерки констатирано е дека лицето од Сирија Х.А.(28) му помагало на Д.Ј., односно со другите лица илегално ја преминале државната граница и ги спровело до местото. Исто така, при преземање на мерки, констатирано е дека регистарските таблички од возилото се пријавени за украдени, односно припаѓаат на друго возило.

Мигрантите се спроведени во прифатно-транзитен центар во Гевгелија, а возилото е одземено. Д.Ј. и Х.А. се задржани во полициска станица, известен и јавен обвинител и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

фото: МВР

Scroll to Top