Пронајдено бебе оставено во парк во Шуто Оризари, полицијата го расчистува случајот

Седум до осум месеци старо бебе било пронајдено оставено на клупа во парк на подрачјето на Шуто Оризари, информираа од Министерството за внатрешни работи.

Случајот бил пријавен на 15 јуни во 19:30 часот во СВР Скопје од скопјанецот А.С., кој го забележал бебето и ја известил полицијата.

Полициски службеници излегле на местото на настанот, а екипа на Итна медицинска помош го пренела бебето во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. По извршениот преглед било утврдено дека детето е во добра здравствена состојба и нема видливи повреди.

„По преземени мерки, во Полициското одделение Шуто Оризари на разговор се повикани М.М.(49), И.М.(54) и Ш.М.(32), сите од Скопје, кои појасниле дека Ш.М. на подрачјето на Центар се сретнала со С.Н., која ѝ го дала детето да го причува. Откако С.Н. не се вратила, Ш.М. со бебето заминала во населбата Шуто Оризари и го оставила детето во паркот“, велат од МВР.

За случајот е известен јавен обвинител, а полицијата презема мерки за негово целосно расчистување.

Scroll to Top