Родителите на жртвите во пожарот во „Пулс“ маршираа барајќи правда за починатите деца

По 45. пат денеска во Кочани родителите на жртвите во пожарот во „Пулс“ маршираа барајќи правда и вистина за своите блиски. Од овој марш кој започна во 18:05 часот од Паркотна Револуцијата беше упатено прашање до институциите дали секој што имал должност ја извршувал совесно, професионално и во рамките на своите овластувања.

-Со секоја должност доаѓаат обврски. Со секое овластување – одговорност. Со секоја униформа – очекувања дека ќе се постапува професионално, навремено и еднакво кон сите. Никој не спори дека спасувањето е човечка должност. Но оваа постапка не се води за тоа што се случувало откако пожарот веќе започнал. Прашањето е дали секој што имал службени обврски и законски овластувања – ги извршувал така како што се очекува од институција, рече од пред зградата на Полициската станица во Кочани, Розета Џамова, сестра на починато момче.

 

– Во судница слушавме расправа за минути. Дали било 2 : 22 или 2 : 23. Кој кому се јавил. Колку пати. Кој дал усна наредба. Кој не потпишал писмена. И во еден момент остана впечаток дека најголемата трагедија не е што 63 луѓе не се вратиле дома. Туку што часовникот не бил прецизен, нагласи Џамова.

Според неа и родителите прашањето не е што се правело откако почнал пожарот, туку дали било направено се што било должност да се направи за до него воопшто да не дојде.

Александар Наунов, претседател на ЗГ „16 март 2025 Кочани“, од пред Судот во Кочани изјави дека никој не бара пресуда без докази, ниту некој бара улицата да суди.

-Но, ако обемноста на доказите е проблем, тогаш прашањето не е зошто ги има толку. Прашањето е – како толку години системот преминувал преку толку неправилности и проблеми, рече Наунов.

 

Денеска на 45. Марш за ангелите во Кочани присутни беа претставници на Сојузот на борците од НОБ од Скопје во знак на поддршка на родителите на починатите. После маршот заминаа да насадат млади садници кај спортската сала на ОУ „Никола Карев“ што го носи името „Кочански Ангели“.

Scroll to Top