Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.
На средбата беше разговарано за европската интеграција на Северна Македонија и за приоритетите поврзани со Реформската агенда и пристапниот процес. Министерот Сали ја истакна посветеноста на Владата на испорака на конкретни резултати, со посебен фокус на владеењето на правото, реформата на јавната администрација, функционирањето на демократските институции и подобрувањето на апсорпцијата на европските фондови.
Соговорниците ја нагласија важноста од континуираната поддршка на Чешката Република за европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за продлабочување на соработката во области поврзани со пристапниот процес, размена на искуства, користење на европските фондови и јакнење на институционалните капацитети.
На средбата беше истакната и досегашната соработка преку европските инструменти, како и поддршката на Чешката Република преку различни проекти со директно влијание врз локалните заедници.
Министерот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка и ја нагласи подготвеноста на Министерството за европски прашања за натамошно продлабочување на соработката.







