СДСМ: Aроганцијата на Мицкоски и ВМРО-ОКГ нема крај – ја исмејуваат грижата за здравјето на граѓаните

„По враќањето на Христијан Мицкоски од „научната екскурзија“, речникот на ВМРО-ОКГ стана уште поарогантен. Сега ја исмејуваат грижата за здравјето на граѓаните. СДСМ деновиве постојано предупредува за загадена вода низ Македонија, токму затоа што власта на Мицкоски и неговата организирана криминална група ги крие податоците“, велат од СДСМ.

„Поради таа тајност еден цел град од 50.000 жители беше изложен на труење – над 5.000 луѓе побараа лекарска помош. Мицкоски од екскурзија „пушти“ вода за пиење во Гостивар. А документ за исправност на водата сè уште нема.

Клековски, кој исто така беше на екскурзија, сè уште не се огласил, иако самиот најави дека првите резултати ќе ги има дури околу 20 август. Наместо премиерот и министерот за здравство – полицаец држи здравица и објаснува колку е „вкусна“ водата.

Во случајот со Гостивар видовме целосна негрижа: иако анализите покажаа дека водата е загадена со фекалии, никој не ги предупреди граѓаните. Тие со денови пиеја отруена вода. Се отру и самата болница.

Прво еден „полицаец“ (министерот Тошковски) ја хиперхлорираше, потоа друг (Ангелов) ја пушти во употреба со здравица. Од почетокот на кризата – нема ниту едно стручно лице. Ниту еден документ со анализи. Ниту една институција и одговорно лице што стои зад исправноста.

Обвинителството на чело со Савевски е целосно на екскурзија. Ниту трага, ниту глас. Пет недели – ниту еден одговорен за Гостивар.

Единствено што слушаме се соопштенијата на Мицкоски и ВМРО-ОКГ, преку нивните и Орбановите медиуми, дека „сончаницата му го заматила мозокот“ на проф. д-р Венко Филипче и на целиот СДСМ.

Откако повеќегодишните лажни вести и измислени афери граѓаните веќе ги препознаа, сега преминуваат на нов вид кампања – отворено исмејување.

Над 50 места во Македонија немаат објавени анализи на водата. Само во последните три дена – уште два случаи со отровни материи во водата во Демир Капија и минералната вода во Кривогаштани.

Четири реки се загадени – сè уште нема одговорни. Ова е власт составена од тендер-патриоти, предводена од човек кој во најголемата здравствена криза во последните две години (труење со вода, епидемија на жолтица и западнонилска треска) одлучи да оди на екскурзија – заедно со половина од својата влада. Ароганцијата нема крај. А одговорност сè уште нема“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Scroll to Top