СДСМ: ДПМНЕ-ЗНАМ го изгласаа предавството на Македонија во Собранието

Предавниците од ДПМНЕ-ЗНАМ денеска го изгласаа предавството на Македонија, ја изгласаа предавничката Резолуција што сами си ја донесоа во Собранието, велат од СДСМ.

Според партијата, денешниот 17 декември 2025 година ќе остане запаметен како ден на којшто ДПМНЕ и ЗНАМ го завериле предавството на Македонија.

„Без Христијан Мицкоски кој ги остави сами. Побегна дури до Брисел, остави други да го изгласаат неговото предавство на Македонија. Прашањето е дали сите пратеници на ДПМНЕ-ЗНАМ добија по 1,2 милиони евра, дали добија по 5,3 милиони евра, дали добија по 9 милиони евра за оваа срамна одлука – за ова предавство? Колку пари земавте за предавството на Македонија? Дали на сите ви поделија тендери? Колкав е вашиот дел од 6 милијарди евра кредит“, прашува СДСМ.

Опозицијата вели дека нема да биде нем посматрач на ова, како што го нарекуваат, национално предавство, мигранти за пари.

„Заедно со граѓаните, ќе ги искористиме сите демократски механизми за да се спротивставиме на ова национално и државно предавство. Ги повикуваме сите опозициски партии, здруженија, невладини организации да ни се приклучат во фронтот против криминалната власт. Ги повикуваме и искрените и чесни членови на ДПМНЕ кои ја сакаат Македонија и знаат дека ова што го прави нивното раководство е за пари да се приклучат“, велат од СДСМ.

Пратениците денеска ја изгласаа резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

„Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои токму СДС се обидува да ги наметне во јавноста, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. Со овој документ јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики поврзани за кампови за мигранти донесени од поранешната влада на СДС предводена од Заев, на која дел беше и Венко Филипче. Оваа резолуција го покажа вистинското и лицемерно лице на СДС и трајно ќе ја затвори, од нив измислената тема за наводни мигранти во Македонија“, соопштија претходно од ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top