Во завршна фаза е санацијата на паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“, проект што се реализира преку партнерство меѓу Општина Кисела Вода и компанијата „Пелистерка АД Скопје“. Станува збор за значајна интервенција на простор кој долго време се наоѓаше во незавидна состојба и бараше целосно обновување.
Во рамките на активностите извршено е целосно поплочување со нови павер елементи на површина од 420 м². Изградени се две нови пешачки патеки, санирани се скалите од амфитеатарот, обновен е споменикот, поставена е нова водоводна инсталација на која ќе бидат монтирани нови чешми, а во тек се работите на новата фонтана.
Паралелно со овие зафати, Општина Кисела Вода постави нови даски за седење кај амфитеатарот, го оплеменува просторот со ново зеленило, поставува ново парковско осветлување и современа урбана опрема, со што паркот добива попријатен изглед.
Очекувањата се дека за три седмици целиот простор ќе биде целосно готов и ставен во функција.







