Села бара оценка на уставноста за „Безбеден град“, вели дека Законот задира во рамноправноста на граѓаните

Лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, соопшти дека е поднесена иницијатива до Уставен суд за оценување на уставноста на Законот за прекршоци, донесен за имплементација на проектот „Безбеден град“.

Села изјави дека со законот, кој се однесува на целото население, остануваат отворени прашања зошто измените не биле предложени од Владата, туку од пратеници во Собранието. Според него, со тоа се отвора дилема што сака да се сокрие и зошто Владата не застанала формално зад законските измени.

Тој оцени дека законот отвора сериозни прашања за рамноправноста на граѓаните, посочувајќи дека сите функционери, вклучително и премиерот и претседателот, се должни да ги почитуваат законите, меѓу кои и Закон за употреба на јазиците. Според Села, во законот мора јасно да стои дека пораките за казни и одлуки треба да бидат двојазични.

Тој истакна дека е несериозно казни и одлуки да се доставуваат преку пораки, бидејќи граѓаните не се законски обврзани да поседуваат телефон или имејл адреса, за разлика од обврската да имаат адреса на живеење. Според него, тоа отвора и дополнителни проблеми, бидејќи промена на телефонски број или имејл би значела потреба од пријавување кај надлежните институции.

Села нагласи дека многу од прашањата требало да бидат предмет на јавна расправа пред донесувањето на законот и дека граѓаните мора да бидат еднакви пред Уставот. Тој реагираше и на фактот што проектот се имплементира само во три града, посочувајќи дека ваквиот пристап создава нерамноправност.

Како пример, тој ја наведе општината Чаир, каде, според него, има густо поставени камери, за разлика од други општини, додека истовремено инфраструктурата е слаба, со недоволно паркинзи, нерешени булеварски решенија и недоволна хоризонтална и вертикална сигнализација.

Според Села, пред воведување на вакви решенија требало да се анализираат искуствата од други држави, да се консултираат експерти и да се прилагоди инфраструктурата. Тој оцени дека во сегашната форма, законот удира врз начелата на слободата и основните права на граѓаните.

Scroll to Top