Сиљановска-Давкова: Да се концентрираме на реформските предизвици и да не ја губиме енергијата на ирационални прашања

Она што го бараме е да бидеме третирани како другите, она што го бараме е да се концентрираме на реформските предизвици и да не ја губиме енергијата на ирационални прашања, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес – конференција со швајцарскиот претседател, Ги Пармелан.

Сиљановска-Давкова кажа дека Пармелан е прв швајцарски претседател кој е во официјална посета на Македонија.

„Зошто го потенцирам ова? Присуството на швајцарскиот претседател овде, значи дека тој на Западен Балкан му придава големо значење од една страна и второ, тој е потстрек на македонско-швајцарските односи. Швајцарија е инспирација во поглед на демократијата, Швајцарија има развиена партиципативна политичка култура, развиена локална самоуправа, форми на директна демократија од кои може да се учи. Зошто е за нас важна? Бидејќи се работи за еден успешен пример на мала, федеративна, повеќејазична држава, во која што разликите се надминуваат со знаење, со граѓански капацитет, со компетентност и, се разбира, со постојана активност“, рече Сиљановска – Давкова.

Таа кажа дека на средбата било констатирано дека двете земји дека бележат напредок во дијалогот и кажа дека Швајцарија е еден од нашите најголеми донатори.

„За мене, особено се важни швајцарските донации во демократското управување, во одржливиот економски развој, во заштитата на животната средина и тие се континуирани веќе три децении. Особено се заблагодарив за поддршката во формирањето и работата на Парламентарниот институт во македонското Собрание, бидејќи тој е најдобрата и главна логистичка поддршка на работата на парламентот. Програмата е насочена кон подобрување на законодавната процедура, на зајакнување на надзорната функција на парламентот, на транспарентноста во работата и особено во комуникацијата со вас, новинарите, е особено важна“, рече претседателката.

На крајот, додаде таа, јас ја презентирав нашата состојба врзана за евроинтеграцијата, му ги објаснив на претседателот проблемите со коишто се соочуваме, го потенцирав значењето на Копенхашките критериуми за нашата европеизација.

„Заклучив дека, тоа е наш природен дом, како многу пати, и сега, со тоа ќе завршам, географски, историски и културно, ние отсекогаш сме биле дел од Европа и таму ни е местото. Она што го бараме е да бидеме третирани како другите, она што го бараме е да се концентрираме на реформските предизвици и да не ја губиме енергијата на ирационални прашања“, рече Сиљановска – Давкова.

Scroll to Top