„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, го повикуваше Венко Филипче, членството на СДС во Гостивар да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на минатите локални избори. Но, неспособноста на ваквите кадри поддржани од СДС и Венко Филипче, станува опасна по животот и здравјето на македонските граѓани, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Потврда за ова, според нив е и последниот случај од Гостивар каде поради нестручно, непрофесионално и неодговорно поставени пумпи на општината и гостиварски „Водовод“ во отпадни води, изминатите дена над 1000 граѓани се затруле и побарале медицинска помош.
Според ВМРО-ДПМНЕ, општинската власт во Гостивар целосно потфрлила во своето работење и на граѓаните не успела да им го обезбеди елементарното право на чиста вода за пиење и тоа во 21 век, кога, како што велат, светот зборува за брз технолошки развој и вештачка интелигенција.
ВМРО-ДПМНЕ бара итно расчистување на случајот и одговорност за сите инволвирани кои несовесно, непрофесионално и неодговорно ги извршувале своите работни активности.
„На Македонија и на македонските граѓани потребни им се одговорни лица кои достојно, професионално, одговорно и во нивен интерес ќе ги извршуваат функциите за кои се избрани.
Македонските граѓани заслужуваат да ги водат луѓе со интегритет кои ќе се грижат за нивниот живот и здравје, а не луѓе кои поради нивната неодговорност животот им го ставаат во опасност“.







