На предлог на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, Собранието ги избра Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери на Народната банка, коишто ќе ја извршуваат оваа функција во наредните седум години.
Ана Митреска е реизбрана за втор мандат на функцијата вицегувернер, откако првпат беше именувана во октомври 2018 година. Таа е магистер по монетарна економија и искусен професионалец во централнобанкарското работење со дваесет и петгодишно работно искуство во Народната банка. Во својата професионална кариера има значаен придонес во активностите поврзани со макроекономските анализи, среднорочните проекции и истражувачката работа на Народната банка. Од почетокот на својата кариера во Народната банка, активно е вклучена во комуникацијата со меѓународните финансиски институции и агенциите за кредитен рејтинг и е авторка на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.
Игор Величковски е избран за вицегувернер како истакнат професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија. Величковски е дел од Народната банка повеќе од триесет години. До именувањето ја извршуваше функцијата директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи. Неговиот професионален ангажман опфаќа значајни реформи во платната инфраструктура, како и активна улога во процесите на модернизација и интеграција, вклучително и приклучувањето на земјата кон Европската област за плаќања во евра (СЕПА) во 2025 година.
Со изборот на новите вицегувернери, велат од Народната банка, се обезбедува непрекинатост во спроведувањето стабилна и кредибилна монетарна политика заради одржување на ценовната стабилност и за поддршка на економскиот развој.







