Сојузот на синдикатите на Македонија најави масовен работнички протест што ќе се одржи на 28 јануари во 17 часот во Скопје, со главно барање зголемување на работничките плати и покачување на минималната плата на 600 евра. Протестот ќе започне пред Работничкиот дом, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
Во отворено писмо до работниците, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порачува дека протестот не е прашање на избор или удобност, туку егзистенцијална борба.
„Овој протест не е за ‘ако имаш време ќе дојдеш’, туку за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први. А кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно“, наведува Трендафилов.
Тој обвинува дека работниците се потценети и од работодавачите и од власта, при што едните профитираат од ниски плати, а другите ја користат економската несигурност за политичка контрола.
„На газдите им е важно со ниски плати да им го создавате капиталот, а на властите со ниски плати да ве владеат – сиромашен, но послушен народ“, се наведува во писмото.
Според ССМ, над 200 илјади работници во државата земаат плата под 31.200 денари, што е под прагот на сиромаштија, додека функционерите добиваат значителни покачувања.
„Неправдата е во тоа што за нив има зголемувања од 250 евра и 78 проценти, а за работниците – ништо. Истите тие на кои им ја давате моќта и платата, не водат грижа за вас и вашите семејства“, посочува Трендафилов.
Во писмото се предупредува и на, како што се наведува, обидите работниците да бидат заменети со поевтина работна сила од странство, како и на непочитувањето на колективните договори, поради што дел од вработените се принудени правдата да ја бараат на суд.
„Тие мислат дека не ви треба зголемување на платата затоа што не барате. Ако молчите, тие мислат дека ви е доста“, се наведува во пораката.
Трендафилов потенцира дека протестот е и за оние кои се плашат да излезат јавно, но и за сите граѓани, бидејќи зголемувањето на платите ќе значи и зголемување на пензиите.
„Господата ви личат големи затоа што им клечите. Станете со нас и ќе видите колку се всушност мали“, порачува тој.
ССМ информира дека протестот ќе се одржи по работно време за да можат да присуствуваат што поголем број работници, а ќе биде обезбеден и коридор за итни случаи.
„Јас и луѓето што ги знам ќе бидеме таму. Можеби сами не можеме да промениме многу, но заедно можеме да промениме сè. Овој протест е само почеток“, порачува Трендафилов.
Главното барање на протестот е зголемување на платите за најмалку 6.000 денари преку покачување на минималната плата на 600 евра.
„Изговор да не протестираат за плата може да имаат само газдите и избраните и именуваните. Време е“, завршува Трендафилов.







