Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бара брза, итна и енергична акција на Основното јавно обвинителство и на Министерството за внатрешни работи при координираната и злонамерна активност насочена кон профилите на „Слободен печат“ на социјалната мрежа Инстаграм.
„Оваа очигледно организирана и нарачана активност, предизвикана од масовни пријавувања на содржините е со јасна цел, нарушување на работата на редакцијата и форма на притисок врз медиумот кој со ништо не ги нарушил правилата на платформата.
ССНМ смета дека овој вид на напади, а во случајот на Слободен печат, циклично и констатно се повторуваат, е директно загрозување на слободата на изразување, правото на информирање и безбедност на онлајн просторот, и бара итна институционална акција на надлежните органи, во прв ред на Основното јавно обвинителство и МВР. Тие мора да преземат се што е во нивна надлежност и на медиумите кои се глас на јавноста и совест на општеството да им овозможат непречена работа.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се надева дека Слободен печат како еден од водечките медиуми во земјава нема да запре со одговорното и транспарентно работење и ќе продолжи со професионалното новинарство иако предизвиците се огромни, но подлегнување на обидите за замолчување преку новите начини на дигитален притисок ќе бидат исполнување на целта на лицата или интересните групи“, велат од ССНМ.
Фото: pexels







