Стаменкоска Трајкоска на средба со делегација од Стопанската комора на Македонија-Турција
Денес, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, оствари работна средба со делегација од Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО). На овој работен состанок, таа ги запозна гостите со развојните потенцијали на општината, тековните активности за унапредување на деловната клима и стратешките насоки кои ја позиционираат Кисела Вода како сè поатрактивна средина за инвестирање.
Средбата помина во конструктивна атмосфера, во која двете страни разменија идеи за продлабочување на економската соработка меѓу локалната самоуправа и деловниот сектор. Разговорите беа насочени кон иницијативи за унапредување на приватниот сектор, реализација на проекти од областа на заштитата на животната средина, развој на лесната индустрија и создавање одржливи услови за економски раст.
Претставниците на МАТТО ја потврдија својата подготвеност за понатамошно институционално партнерство и заедничко создавање можности што ќе придонесат за унапредување на локалната економија и долгорочен развој на Општина Кисела Вода.







