Нема лекарска грешка во случајот со 19-годишната девојка од Струмица која по породувањето со царски рез во струмичката болница и аплицирана спинална анестезија ја изгуби подвижноста во нозете и разви параплегија, соопшти Министерството за здравство. Од таму велат дека најверојатна причина за нејзината состојба е спонтано крварење од ретка малформација на крвните садови во ’рбетниот мозок, која не може да се открие со ангиографија.
„Комисијата за надзор над стручната работа, формирана од министерот за здравство го заврши надзорот над лекувањето на родилката од Струмица и едногласно заклучи дека нејзината невролошка состојба не е последица на спиналната анестезија применета при породувањето, ниту на лекарска грешка во која било од здравствените установи во кои била лекувана“, соопшти Министерството за здравство.
Комисијата беше формирана на 19 август 2026 година, по предлог на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со цел независна стручна проценка на работата на здравствените работници во ЈЗУ Општа болница Струмица, ЈЗУ Клиничка болница Штип и ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија Скопје. Во неа учествуваа пет експерти од различни специјалности, од кои двајца од странство: д-р Игор Самарџиски, гинеколог-акушер, ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство Скопје (претседател); д-р Горан Рондовиќ, анестезиолог, началник на Клиника за анестезиологија на Воено-медицинска академија Белград; д-р Дејан Георгиев, невролог, раководител на оддел за неврологија на Универзитетски клинички центар Љубљана; д-р Миќун Миќуновиќ, неврохирург, ЈЗУ Специјална болница „Св. Еразмо“ Охрид; и д-р Дејан Даскалов, радиолог, ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија Скопје.
Комисијата ја разгледала целокупната медицинска документација од трите установи, снимките од магнетната резонанца и дополнителните појаснувања побарани од болниците. Секој член се изјаснил поединечно за својата област, а заклучоците се донесени со согласност на сите членови.
„Според наодите на Комисијата, грижата за време на бременоста, упатувањето во Клиничката болница Штип, породувањето со царски рез, анестезијата и следењето по операцијата се спроведени според важечките протоколи и добрата клиничка пракса. Спиналната анестезија е дадена во лумбалниот (долниот) дел на ’рбетот, со стандарден лек и доза, додека промената во ’рбетниот мозок е утврдена значително повисоко, во градниот дел. Постоперативниот тек бил уреден, пациентката е отпуштена без невролошки симптоми, а тие се појавиле неколку дена подоцна“, соопшти Министерството.
Според Комисијата, најверојатна причина е спонтано крварење од ретка малформација на крвните садови во ’рбетниот мозок, која не може да се открие со ангиографија. Причината сè уште не е дефинитивно утврдена.
Комисијата препорача, кога состојбата на пациентката ќе дозволи, да се заврши дијагностиката за конечно утврдување на причината, како и да продолжи рехабилитацијата со редовно невролошко следење.
„Кога една млада мајка по породување се соочува со вакви последици, должни сме на неа, на нејзиното семејство и на јавноста да дадеме јасен и стручен одговор. Затоа формиравме комисија со експерти од земјата и од странство. Нивниот заклучок е едногласен – нема лекарска грешка. Тоа не ја намалува тежината на она низ што минува таа. Министерството ќе продолжи да ѝ обезбедува сета потребна поддршка во лекувањето и рехабилитацијата“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Од Министерството информираат дека извештајот е доставен до министерот за здравство, а за неговите заклучоци се известени пациентката и нејзиното семејство, како и засегнатите здравствени установи. Поради заштита на личните и здравствените податоци на пациентката, целосниот извештај нема да биде објавен, велат од Министерството.







