Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, соопшти дека од денеска во 12 часот е отворен системот за електронско пријавување на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2027 година.
Системот за електронско пријавување ќе биде отворен до 30 октомври 2026 година, до 15:30 часот.
Сулејмани истакна дека конкурсите се наменети за поддршка на квалитетни, иновативни и одржливи проекти што ја збогатуваат културната понуда, отвораат простор за нови креативни изрази, создаваат нова публика и придонесуваат за поголема регионална и меѓународна видливост на македонската култура.
„Културата ја гледаме како стратешка инвестиција во креативниот потенцијал и во одржливиот развој на нашето општество. Со конкурсите за 2027 година, продолжуваме со јасни и стабилни правила, но и со јасно поставена цел – да ги поддржиме проектите што имаат квалитет, визија и потенцијал да создадат долгорочна вредност. Очекуваме професионални и добро осмислени проекти од нашите уметници, здруженија и културни организации“, истакна министерот за култура и туризам Сулејмани.
Тој информираше дека во фокусот ќе бидат проекти со потенцијал за долгорочен придонес кон културниот развој преку институционална соработка, регионален досег, меѓународна афирмација и привлекување нова публика.
Особено внимание ќе се посвети и на проектите што ќе се реализираат во пограничните зони, со цел културните содржини да бидат достапни во различни средини и да придонесат кон развојот на локалните заедници.
„Нашата политика е инклузивна, но и одговорна: ги поддржуваме сите што создаваат вредност, истовремено инсистирајќи на професионалност, одговорност и мерлив придонес. Државата стои цврсто зад своите уметници, институции и културни работници“, рече министерот Сулејмани, додавајќи дека со овие конкурси и со капиталните инвестиции кои се реализираат паралелно, се создаваат услови за стабилна, видлива и самоуверена култура.
Во однос на начинот на аплицирање и критериумите, министерот истакна дека за 2027 година се задржува воспоставениот реформски курс, нудејќи им на апликантите јасни, стабилни и веќе познати правила.
Се задржува минималниот праг од 40 бода од вкупно 100 за финансиска поддршка, а оценувањето се врши според унифициран систем на бодување: до 70 бода за квалитетот на содржината, до 15 бода за човечките ресурси и до 15 бода за финансиската оправданост.
Министерот Сулејмани ги повика уметниците, здруженијата, независните културни организации и сите заинтересирани апликанти да ги разгледаат условите на конкурсите и навремено да ги поднесат своите проекти.
Пријавувањето за сите области се врши исклучиво електронски преку Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk. Пријави во печатена форма или по пошта нема да се разгледуваат.
Годишните конкурси за 2027 година се објавени на веб-страницата на Министерството за култура и туризам.







