Тетово: Поранешен директор осомничен за фалсификување и спорен закуп на деловен простор

Полицијата поднесе кривична пријава против Н.И. (73) од село Камењане, општина Боговиње, поради сомнение за сторени кривични дела „фалсификување или уништување деловни книги“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според пријавата, во периодот до 2 јануари 2021 година, додека бил директор на земјоделска задруга во село Камењане, без законска основа и без одлука од членовите, било извршено незаконско бришење на основачи – акционери. Со уништување и прикривање на документација, бројот на членови бил намален од 38 на пет лица, што било спротивно на податоците во тековната состојба од Централен регистар.

Дополнително, на 3 јануари 2010 година, во својство на директор, пријавениот склучил договор за закуп на деловен простор со површина од 1.500 метри квадратни во село Камењане, кој ѝ бил доделен на земјоделската задруга на трајно користење. Договорот бил склучен со друг акционер за период од 10 години, без согласност од надлежно министерство, без одлука на Управниот одбор и без согласност од останатите задругари.

По 2021 година, просторот го користел врз основа на усмен договор, без да плаќа закупнина, при што ги подмирувал само сметководителските давачки на земјоделската задруга, во која и натаму е сопственик.

Scroll to Top