Тошковски: Катастрофални злоупотреби на боледувањата, не може секој да оди на боледување кога ќе му текне

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека во земјава со години постојат големи злоупотреби на боледувањата и дека е потребен подобар институционален одговор и засилена контрола.

Според него, злоупотреби има од страна на дел од вработените во државниот апарат, граѓани и медицински работници, и во јавните и во приватните здравствени установи.

„Сите знаеме дека во изминативе повеќе години – не се две, не се пет, не се десет, богами од самата независност на државата – имаме катастрофални злоупотреби од страна на одредени чинители“, рече Тошковски.

Тој порача дека секој што е способен за работа треба чесно, совесно и одговорно да ги извршува своите обврски, а не да користи боледување кога за тоа нема оправдана причина.

Тошковски нагласи дека секоја идна постапка за контрола на боледувањата, вклучително и со употреба на технологија, мора да биде во согласност со Уставот, законите, Европската конвенција за човекови права и меѓународните стандарди.

„Во никој случај не смее да има непочитување или кршење на човековите права“, рече тој.

Изјавата на Тошковски следува по најавите на Фондот за здравствено осигурување за построги контроли на боледувањата. Директорот на ФЗО, Златко Перински, пред неколку дена соопшти дека Фондот и МВР работат на систем за размена на податоци со кој би се откривале можни злоупотреби, меѓу другото и во случаи кога лице што користи боледување ја напушта државата.

Меѓу предложените мерки е и намалување на периодот за кој матичен лекар може да отвори боледување од седум на пет дена, како и можност контролори да проверуваат дали лице со препорачано домашно лекување се наоѓа дома. Доколку лицето не биде затекнато, тоа не би значело автоматско укинување на боледувањето, туку упатување на дополнителна проверка пред лекарска комисија.

Од ФЗО посочија дека бројот на краткотрајни боледувања е зголемен за околу 33 отсто – од околу 270.000 на повеќе од 321.000 годишно, додека бројот на заболени лица пораснал за околу шест отсто.

Scroll to Top