Три огледала во центарот на Скопје со порака против говорот на омраза

Акцијата „Огледало“ претставува јавна уметничка интервенција чија цел е да ја поттикне личната и општествената свест за говорот на омраза. Поставени во централниот градски простор на малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец, три големи огледала ја канат публиката да застане, да се огледа и да размисли за сопствените зборови, навики и ставови. Наместо да даваат инструкции или забелешки, огледалата суптилно нудат прашања и пораки што се читаат само одблизу, создавајќи интимен момент на самоиспитување.

Првото огледало ги истакнува последиците од говорот на омраза, потсетувајќи дека дури и најмалите навреди можат да повредат и да создадат култура на непријателство. Второто се фокусира на честите основи врз кои се шири омразата – национална, верска, етничка, политичка и сексуална, поттикнувајќи го минувачот да препознае колку лесно секојдневната комуникација може да ја репродуцира таа негативност. Третото огледало ги прикажува најтипичните конструкции на омразен говор, со јасна порака дека повторувањето или нормализирањето на вакви изрази го храни насилството и ја поткопува општествената кохезија.

Со ваквата поставеност, минувачите буквално „се судруваат“ со сопственото одразено лице и со можноста да размислат дали некогаш употребиле израз што повредува, понижува или стигматизира други. Инсталацијата создава тивка, но длабока интеракција – момент на искреност помеѓу човекот и самиот себе.

Целта на акцијата „Огледало“ е не да осуди, туку да охрабри: да ги поттикне граѓаните да развијат емпатија, да ја препознаат тежината на говорот што го користат и да станат активни учесници во создавање похумано, побезбедно и поповрзано општество.

Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје.”

Scroll to Top