Трипуновски: Брисел потврди дека нема неправилности, ИПАРД средствата повторно се достапни за земјоделците

Брисел потврди дека нема никакви неправилности во постапките, ИПАРД средствата повторно се достапни на располагање за земјоделците, соопшти министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.

„Дозволете ми да споделам една важна и позитивна вест за македонските земјоделци и за земјоделскиот сектор, денес пристигна официјално известување од страна на ЕК, Генерален Директорат за земјоделство и рурален развој, дека средствата од ИПАРД програмата повторно се достапни на располагање за македонските земјоделци. Согласно навремено превземените активности, направената целосна и детална контрола за користење на средствата од ИПАРД програмата е утврдено дека нема неправилности во самите постапки. Што значи дека системот функционира, институциите постапуваат одговорно, транспарентно во интерес на македонските земјоделци“, рече министерот.

Тој појасни дека Брисел никогаш не ги блокирал средствата, но во моментот кога излезе во јавноста за случајот со злоупотреба од страна на претходниот директор на Платежната агенција, се активирал националниот механизам.

„Тогаш го известивме Брисел дека е потребно да се изврши вонредна контрола со цел да не се дозволи да се фрли црна дамка, инициравме преку еден транспарентен начин да се проверат сите активности поврзани со средствата од ИПАРД фондовите. Истото беше препознаено како одличен чекор од Брисел со тоа што навремено се интервенираше во оваа ситуација. Следеше темелна проверка од ИПА структурата по што се достави сеопфатна информација до европските институции согласно воспоставените процедури“, рече министерот.

Со ова, додаде Трипуновски, сакам да ги демантирам и шпекулациите кои тенденциозно се пласираа во јавноста од страна на опозициската партија СДСМ, обидувајќи се да создадат лажна слика, паника и револт кај македонските земјоделци, тврдејќи дека ИПАРД средствата се блокирани, а земјоделците ќе останат без поддршка.

„Но, денеска по кој знае кој пат нивните лаги паѓаат повторно во вода, вистината излезе на виделина. Додека СДСМ се служи со конструкции, и е заглавена во старата матрица на ширење на лаги, манипулации мислејќи дека на тој начин ќе обезбеди некој политички поен, ние како Влада носиме резултати и обезбедуваме пари за нашите земјоделци. Во тоа е разликата помеѓу нас, наместо политиканство и дезинформации, ние избравме транспарентност, соработка со европските институции и заштита на секој денар наменет за македонските земјоделци“, рече Трипуновски.

Тој упати порака до земјоделците да продолжат да аплицираат, да инвестираат и да го развиваат нивното земјоделско производство.

Scroll to Top