Народната банка, во соработка со Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), одржаа работилница на тема: „Обука за обучувачи ̶ градење вештини за поддршка на размената на знаење меѓу централните банки“.
„Висококвалитетните програми за обука и институционалната размена на знаење се основни двигатели на организацискиот развој. Преку негување култура на континуирано учење и прекугранична размена на знаење, можеме да ги промовираме најдобрите практики и да градиме трајни институционални партнерства“, истакна вицегувернерката Арљинда Хасани Синани, којашто ги поздрави учесниците на работилницата на која учествуваат претставници од Народна банка и од централните банки и финансиските институции во регионот. Учесниците имаа можност да дебатираат на теми од заеднички интерес, вклучувајќи ги современите принципи на учење, активното слушање, ефективната употреба на раскажувањето приказни и наменската примена на гласот, говорот на телото и просторот.
„Централните банки и финансиските институции се организации водени од знаењето. Секојдневно ги анализираме економски движења, ги следиме инфлациските трендови, ефектите од макропрудентните политики и регулаторните промени. Сепак, поседувањето суштинско знаење е само дел од задачата, а подеднакво важна е и способноста таа експертиза да се пренесеме јасно и ефективно, како во рамките на институциите, така и пред јавноста“, посочи Хасани Синани, при што изрази благодарност до Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ) за долгогодишната успешна соработка, којашто ја потврдува заедничката посветеност кон зајакнување на капацитетите во целиот регион. Таа посочи дека соработката има клучна улога во зајакнувањето на институционалното поврзување помеѓу земјите од регионот со цел поефикасни решенија за заедничките предизвици.
Од ЦЕФ истакнаа дека нашата централна банка е одличен пример за многу институции во регионот, за тоа како треба да функционира вистински центар на знаење. Беше посочено дека Народната банка постојано вложува во градењето висококвалитетен човечки капитал, како и во унапредувањето на знаењата и вештините на вработените, што е предуслов за раст на институциите и на земјите на одржлив, паметен и инклузивен начин.
ЦЕФ е едукативна институција за обуки од областа на јавните финансии во Југоисточна Европа и е еден од главните партнери на Народната банка во размената на знаењата и професионалното искуство во последните години. Народната банка и натаму ќе продолжи да ја развива соработката со ЦЕФ и со другите меѓународни институции и организации коишто овозможуваат платформа за размена на искуства и знаења меѓу централните банки и финансиските институции.







