„Физика на радоста“: Изложба на Театар Пи и лица од „Порака“ во Мала Станица

Од денеска, 19 мај, па сè до 26 мај, во објектот Мала Станица при Националната галерија на Македонија, јавноста ќе може да ја погледне уникатната фотографска изложба насловена „Физика на радоста“, во организација на „Театар Пи“.

Изложбата го портретира човекот како суштество составено од туѓи сеќавања, недоизговорени приказни, тишини, стравови и нежности – елементи кои секој од нас ги носи низ животот како свој личен лавиринт.

Проектот „Физика на радоста“ е директно инспириран од книжевниот свет на познатиот роман „Физика на тагата“ нa Георги Господинов. Изложбата тргнува од идејата дека секој од нас во себе носи едно дете, едно чудовиште и една напуштена соба која долго време никој не ја отворил.

Во овој визуелен концепт, митскиот Минотаур не е претставен како чудовиште, туку како длабок симбол на невидливото, отфрленото и несфатеното во општеството, додека самиот лавиринт не е само физички простор, туку внатрешна состојба на човекот.

Она што ја прави оваа изложба исклучително значајна е нејзиниот инклузивен карактер. Креативниот процес и самите дела се создадени од лица со типичен и атипичен развој од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост (ЦПЛИП) „Порака“ – Скопје, заедно со членовите на „Театар Пи“. Изложбата функционира како заеднички простор изграден врз доверба, различност и емпатија.

Фотографиите се изработени во рамките на едукативен процес под менторство и раководство на познатиот фотограф Ладислав Кинг.

„Кога тагата конечно ќе се измери, на другата страна од кантарот останува радоста. Повелете да ја измерите со свои очи“, порачуваат организаторите, поканувајќи ја скопската публика да го посети овој настан.

Scroll to Top