Фондацијата д-р Верица Механџиска обединува Херои во сите бои

Вчеравечер, симболично на денот на ослободувањето на градот, Скопје беше ослободено од предрасудите поврзани со лицата со нарушување од аутистичниот спектар, со што започна кампањата “Херои во сите бои” која ја реализира Фондацијата д-р Верица Механџиска и компанијата Зегин. Во рамките на оваа кампања која првенствено е наменета за родители ќе се опфатат теми поврзани со истражувањата, иновациите и надминувањето на предизвиците поврзани со нарушувањето од спектарот на аутизам. Покрај Скопје, кампањата ќе продолжи со настани во сите плански региони во државата.

Настанот го отвори Викторија Механџиска- претседателка на Фондацијата д-р Верица Механџиска и косопственичка на компанијата Зегин, која изјави дека активностите поврзани со оваа горлива тема нема да застанат овде, а аутизмот и понатаму ќе биде во фокус на Фондацијата со цел да се обезбедат подобри услови за дијагностика, третман, како и инклузија на овие лица.

Претставничката од Фондацијата д-р Верица Маханџиска, Бранка Џајковска истакна: „Фондацијата д-р Верица Механџиска веќе неколку години посветено работи да придонесе кон поквалитетен живот на лицата со нарушување од спектарот на аутизам. Денешниот настан претставува обединување на една голема заедница сочинета од родители, истражувачи, специјални едукатори, претставници од училиштата кои делат една иста визија за еднаквост, емпатија, соработка и верба во неверојатниот потенцијал на секое дете.“

На настанот во Скопје, истакнати говорници од земјата зборуваа за различни аспекти поврзани со нарушувањето од спектарот на аутизам и тоа, Проф. д-р Силвана Марковска Симоска зборуваше за дијагностиката и третманот на аутизам: ЕЕГ, АДОС и фармакотерапија, Проф. д-р Аспазија Софијанова зборуваше за невролошката матурираност како детерминанта на нарушувањата во невролошкиот развој кај децата, Проф. д-р Роберт Јаневски сподели нови можности за терапија на физиолошки дисбаланс предизвикан од интоксикација од тешки метали, протеолитичка дисрегулација и дисбиоза и нивната врска со аутизмот, додека Доц. д-р Силвана Филипова и М-р Василка Галевска зборуваа за влијанието на раната изложеност на децата на екраните врз говорно-јазичкиот развој и сензорната интеграција.

Кампањата продолжува со уште многу инспиративни говорници и теми, а во текот на месец ноември следат настани во Велес на 19ти ноември, на 24ти ноември во Тетово и во Струмица на 29ти ноември.

ПР

Scroll to Top