Општина Илинден продолжува со интензивни активности за унапредување на патната инфраструктура, при што деновиве успешно е завршена реконструкцијата на вториот дел од улицата „11“ во населеното место Кадино. Станува збор за значајна делница со должина од околу 500 метри и широчина од 5,5 метри, која доби целосно нов коловоз, со што значително се подобрува квалитетот на сообраќај, извести Општината.

Покрај обновата на коловозот, изграден е и тротоар со широчина од 1,5 метри, што овозможува побезбедно и покомфорно движење за пешаците. Со оваа интервенција, улицата добива современ и функционален изглед, усогласен со потребите на модерното урбано живеење.

Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на завршните градежни активности и истакна дека со реализацијата на оваа фаза, заедно со претходно реконструираниот дел, вкупната должина на обновената улица изнесува околу 720 метри, како и дека ваквите проекти претставуваат јасен показател за стратешкиот пристап на Општината кон рамномерен развој и подобрување на условите за живот во сите населени места.

Проектот е целосно финансиран од буџетот на Општина Илинден, што уште еднаш ја потврдува определбата на локалната самоуправа за континуирано инвестирање во инфраструктурата и создавање на побезбедна, поуредена и пофункционална средина за сите граѓани, се додава во соопштението на Општината.







