Хоџа: Усвоен Планот за управување со јагулата, важен чекор за зачувување на нашето природно наследство

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, соопшти дека на денешната седница на Владата е усвоен Планот за управување со јагулата, документ кој има за цел заштита и обновување на оваа важна врста за екосистемот и регионот.

Според Хоџа, планот предвидува конкретни мерки за мониторинг и долгорочно управување со јагулата, со цел зголемување на нејзиниот број и зачувување на природната рамнотежа.

Тој истакна дека спроведувањето на овој план ќе се реализира во соработка со земјите од регионот и во согласност со регулативите на Европската Унија.

„Ова е важен чекор за зачувување на нашето природно наследство“, напиша Хоџа во својата објава на социјалните мрежи.

Заменик-министерот додаде дека за него, како жител на Струга, оваа одлука има посебно значење, бидејќи Црн Дрим и Охридското Езеро се дел од секојдневниот живот на граѓаните, додека јагулата се смета за дел од локалниот идентитет.

Надлежните очекуваат дека преку овој план ќе се подобри управувањето со оваа врста и ќе се обезбеди нејзина заштита за идните генерации.

Scroll to Top