Ѓорѓиевски во СОС Детско село: Ќе обезбедиме субвенции за секое згрижувачко семејство

По повод Меѓународниот ден на семејството, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го посети СОС Детско село, каде што оствари средба и дружење со децата, згрижувачките семејства и тимот на организацијата.

За време на посетата беа донирани подароци, но, како што истакна, најголем впечаток оставиле животните приказни, талентот и истрајноста на младите луѓе кои растат во СОС Детско село.

„Овие деца се вистински херои. Меѓу нив има стипендисти на американски колеџи, првенци на генерации и млади луѓе кои секојдневно покажуваат дека со поддршка, љубов и грижа нема невозможни патишта“, беше посочено по средбата.

Во рамки на посетата беше најавено дека со следниот ребаланс на буџетот, Град Скопје ќе обезбеди средства за субвенции за секое згрижувачко семејство, со цел директно да се помогне во создавање подобри услови за децата и младите.

Дополнително, најавено е дека иницијативата ќе биде покрената и преку ЗЕЛС до сите општини во Македонија, со цел обезбедување еднаков третман и поддршка за секое дете, без разлика на местото на живеење.

Како дел од долгорочните мерки, Град Скопје ќе иницира облигационен меморандум со бизнис-заедницата за обезбедување загарантирани работни места за младите кои излегуваат од системот на згрижување, со што ќе се овозможи нивна поголема економска сигурност и перспектива во државата.

При посетата беше изразена благодарност до директорката Јулијана Накова Гапо и целиот тим на СОС Детско село за посветеноста, грижата и љубовта што секојдневно им ја пружаат на децата, како и до сите згрижувачки семејства кои несебично обезбедуваат топол дом и поддршка.

Од посетата беше испратена порака дека поддршката за овие деца нема да остане само декларативна, туку ќе продолжи преку конкретни мерки и институционална грижа.

Scroll to Top