Ѓорѓиевски: Од пролет започнуваме со реализација на клучните капитални проекти за поголемо достоинство на сите скопјани

Градежните активности се одвиваат во полн ек, речиси насекаде низ градот, како јасен доказ дека дадениот збор, станува дело, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

„Со силна динамика и јасна визија, продолжуваме да ја модернизираме инфраструктурата и да создаваме услови достојни за граѓаните.
Во тек е втората фаза од реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, една од најважните сообраќајни артерии во општина Аеродром.
По децении запоставеност, оваа улица добива нов, двослоен асфалт, нови рабници и целосно уредени тротоари.
Создаваме безбеден, чист и функционален простор – и за возачите, за пешаците, но и за најмладите и највозрасните сограѓани“.

Според него, интензивни градежни зафати се одвиваат и на улицата „Никола Парапунов“, каде како што вели, се поставуваат нови, пошироки и побезбедни тротоари, со подобрена пешачка пристапност и современо урбано уредување.

„Просторот добива нов лик, а жителите услови што ги заслужуваат.
Ова е новото време за Скопје.
Време на работа, резултати и одговорност.
Од пролет, со подобрување на временските услови, започнуваме со реализација на клучните капитални проекти што ќе донесат уште посилна инфраструктурна трансформација за подобра иднина, за поголемо достоинство и за квалитетен живот на сите скопјани.
Продолжуваме. Решително и посветено“, пишува Ѓорѓиевски.

Scroll to Top