На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов кој истакна дека резултатите на Министерството за внатрешни работи во изминатиот период покажуваат значителен напредок во борбата против криминалот и корупцијата, оценувајќи дека поднесената интерпелација нема основа во реалните показатели.
„Кога ќе ги погледнеме резултатите на Министерството за внатрешни работи за 2024, 2025 и 2026 една половина станува јасно дека оваа интерпелација нема допирна точка со реалноста. Во овој период е намален вкупниот криминал, а Бирото за јавна безбедност постигнала вкупна ефикасност од 67%.Истовремено е зголемен бројот на откриени сторители, што покажува дека полицијата не само што реагира туку и успешно ги расчистува кривичните дела. Особено значајни се резултатите во борбата против организираниот криминал. Во изминатиот период се сузбиени повеќе од 30 организирани криминални групи. Ова не се статистики на институцијата која потфрлила. Ова се резултати на институција која директно удира врз криминалните структури“, рече Јамалов.
Тој нагласи дека е зголемен бројот на откриени сторители на кривични дела, што, според него, покажува дека полицијата успешно реагира и ги расчистува случаите. Осврнувајќи се на борбата против корупцијата, Јамалов рече дека се постигнати резултати какви што одамна не биле забележани.
„Во борбата против корупцијата се постигнати резултати, како што одамна не се забележани. Сузбиени се шест организирани криминални групи, а кривично се пријавени 146 физички и 18 правни лица. Откриени случаи на корупција се зголемени за над 45%.Регистрирани се околу 500 кривични дела што претставуваат раст од над 76%, а бројот на пријавени сторители е зголемен за дури 160%. Ова покажува дека денес никој не е недопирлив пред законот“, истакна Јамалов.
Во завршницата од своето обраќање, пратеникот оцени дека интерпелацијата треба да биде инструмент за утврдување одговорност кога нема резултати, а не кога институциите бележат напредок.
„Интерпелацијата треба да биде инструмент за утврдување одговорност кога нема резултати. Но денес пред нас стојат бројки кои покажуваат намален криминал, поголема ефикасност. Повеќе откриени сторители, повеќе сузбиени криминални групи, посилна борба против криминалот и корупцијата, рекордни заплени на дрога и оружје и поголема безбедност за граѓаните. Затоа сметам дека оваа интерпелација не е заснована на факти, туку на политичка потреба да се оспорат резултатите кои се очигледни и видливи. Најсилниот одговор на оваа интерпелација не се зборовите туку резултатите“, порача Јамалов.







