Љутков во Мадрид на средба со генералната секретарка на Светската туристичка организација

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој ја предводи македонската делегација во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, вчера во Мадрид оствари средба со Шаика ал Новаис, генерална секретарка на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO). Како што соопштија од Министерстовот, на средбата биле разгледани можностите за унапредување на соработката и поддршката во процесот на одржлив туристички развој.

Министерот Љутков истакна дека Владата стратешки го препозна туризмот како значаен економски сектор, што резултираше со негово вклучување во Министерството за култура, со цел воспоставување системски пристап и поефикасно управување со туристичките политики. Во таа насока, министерот информираше дека се работи на подготовка на нова Стратегија за туризам како клучен документ за понатамошен развој на секторот.

На средбата стана збор за улогата на туризмот во рамномерниот регионален развој, валоризацијата и заштитата на културното наследство, развојот на руралните подрачја и зголемувањето на конкурентноста на туристичката понуда. Посебен акцент беше ставен на потребата од системско евидентирање на туристичките ресурси и воведување индикатори за мерење на туристичкиот потенцијал по региони. Беше нагласено и значењето на полноправното членство на Македонија во UNWTO, како и можноста експерти на Организацијата да се вклучат во процесите на едукација и јакнење на кадрите во туризмот, со цел унапредување на квалитетот и професионалноста во секторот. Средбата беше оценета како значајна основа за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Македонија и UNWTO во наредниот период.

Претходно министерот Љутков оствари и работна средба со Фуад Нагхиев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан. На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на билатералната соработка во туризмот, како продолжение на разговорите започнати на Конференцијата КОП29 во Баку, при што беа разгледани можностите за отворање нов туристички пазар, потпишување Меморандум за разбирање, организирање B2B-средби и промоција на туристичката понуда на Македонија, со акцент на културен, верски, ено-гастро и активен туризам.

Во рамките на посетата, министерот Љутков денеска ќе присуствува на свеченото отворање на Меѓународниот саем за туризам „FITUR 2026“, што ќе се одржи во присуство на шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција.

Scroll to Top