„Томас Вокап ќе ја продолжи кариерата во Дубаи, откако двата клуба постигнаа договор“, објави Олимпијакос овој понеделник на Инстаграм и додаде кратка порака за збогум на трофејниот кошаркар, кој го помина летото инсистирајќи да го напушти клубот од Пиреја.
На овој начин заврши сагата што го одбележа летото во Евролигата, на непријатен начин. Сè започна кога играчот изрази желба да ја продолжи кариерата во Обединетите Арапски Емирати, на што Олимпијакос првично остро се спротивстави и побара од Евролигата заштита поради, како што тврдеа „неовластени преговори меѓу Дубаи и нивниот играч кој е под договор“.
Поради ова, Евролигата дури и покрена постапка против првиот оперативец на Дубаи, Дејан Камењашевиќ.
Газдите на Олимпијакос, браќата Ангелопулос беа подготвени да го испратат и Вокап на суд, но во меѓувреме беше пронајдено вонсудско решение. Дубаи ги исполни барањата на Олимпијакос за трансферот на играчот и го донесе во своите редови.
Вокап го напушти Олимпијакос по пет години, а клубот од Пиреја му се заблагодари за сè што му пружи за време на престојот во црвено-белиот дрес.
Foto/ Depositphotos







