Галатасарај започна контакти со Манчестер Сити во врска со евентуалниот трансфер на англискиот репрезентативец Фил Фоден, објавија денес турските медиуми.
Според „Фанатик“, претседателот на Галатасарај Дурсун Озбек му дал целосно овластување на италијанскиот менаџер, Џорџо Гарди да води преговори со челниците на англискиот клуб и да ги испита условите под кои би можел да се реализира трансферот.
Истиот извор наведува дека токму Гарди го предложил Фоден како едно од главните засилувања ова лето. Во претходните години, италијанскиот менаџер учествувал во реализацијата на трансферите на неколку познати фудбалски имиња во Галатасарај.
Според турските медиуми, Фоден влегува во последната година од договорот со Манчестер Сити и наводно размислува да го напушти клубот, откако минатата сезона играше помалку минути.
Според извештаите, Галатасарај е подготвен да ја истражи можноста да го ангажира на 26-годишниот играч од средниот ред, чија пазарна вредност се проценува на околу 70.000.000 евра.
Сепак, медиумите проценуваат дека реализацијата на трансферот ќе биде исклучително тешка, бидејќи и други водечки европски клубови покажуваат интерес за Фоден, додека финансиските услови за евентуалната зделка би биле голем предизвик за шампионот на Турција.
Foto/ Depositphotos







