Луис де ла Фуенте творецот на златната шпанска генерација

Луис де ла Фуенте ја предводеше Шпанија до титулата светски шампион две години откако стана европски шампион со националниот тим. Шпанија, под негово водство нема пораз на 38 последователни официјални натпревари, а 65-годишниот тренер ги смири сите критичари кои се соменваа во него кога во 2022 година беше именуван за селектор.

Де ла Фуенте ја изгради Шпанија како тим кој се потпира на колективот, дисциплината и меѓусебната доверба, а не само на индивидуалниот квалитет на најголемите ѕвезди.

Откако ја презеде репрезентацијата, тој стигна до финалето на секое натпреварување во кое ја водеше шпанската репрезентација. Тој, исто така, ја освои Лигата на нации со Шпанија во 2023 година, а две години подоцна беше во финалето.

Неговиот пат до трофејна кариера како селектор беше необичен. Де ла Фуенте, роден во Џаро, двапати ја освои Ла Лига како играч со Атлетик Билбао. Во 1987 година, тој се пресели во Севилја, но таму не ја доби вистинската шанса па се врати во Билбао. Се пензионира на 33-годишна возраст.

Неговото единствено претходно искуство во професионалниот клупски фудбал беше на клупата на третолигашите Аурере Викторија и Депортиво Алавес. Беше краткотрајно и му претходеше пауза од речиси две години пред Шпанската фудбалска федерација да го назначи за селектор на репрезентацијата до 19 години.

Периодот од ноември 2011 до мај 2013 година, во кој немаше работа, го научи да биде трпелив и упорен. После тоа започнува неговиот подем.

Со репрезентацијата до 19 години, тој го освои Европското првенство во 2015 година, четири години подоцна стана европски шампион со репрезентацијата до 21 година, а во 2021 година освои сребро на Олимписките игри. Кога го наследи Луис Енрике по Светското првенство во 2022 година, дел од шпанската јавност се сомневаше дека има доволно искуство и авторитет да ја води сениорската репрезентација. Тој многу брзо ги замолчи критичарите со резултатите.

Еден од темелите на неговиот успех се односите што ги изградил со играчите низ годините. Дани Олмо, Микел Мерино, Педри, Марк Кукуреља и Унаи Симон играа под негово водство на Олимписките игри во 2021 година. Тој познава некои репрезентативци од помладите категории, што значи дека ги познава долги години. Тој ја смета довербата за една од главните причини за успехот на Шпанија.

По победата од 2:0 во полуфиналето против Франција, тој особено го нагласи единството на тимот. Шпанските играчи поминаа 47 дена заедно без никакви сериозни проблеми.

„Дисциплина, организација, упорност и трудољубивост“ се зборовите што Де ла Фуенте често ги користи за да ги опише вредностите на својот тим.

Тимскиот пристап е видлив и во дефанзивните перформанси. Шпанија 649 минути без да прими гол, сè додека Белгија не постигна гол во четвртфиналето. Де ла Фуенте верува дека хемијата во тимот е подеднакво важна како и тактиката. Иако ги прифаќа современите анализи на податоци и технолошкиот напредок, тој тврди дека човечките односи мора да бидат на највисоко ниво.

Тој не го прифаќа тврдењето дека најважното нешто за постигнување на спортските цели е среќата. Според него, вистинската среќа е да се избегне сериозна болест или повреда, додека спортскиот успех мора да се заработи преку напорна работа. Тој го пренесе овој пристап на играчите, европски и светски шампиони и победници на Лигата на нации, непоразени во 38 последователни официјални натпревари.

Foto/ EPA

Scroll to Top