Македонија доби нов европски шампион во мотоциклизам

Македонија годинава доби нов европски шампион во мотоциклизам – Петар Мијалков, кој со посветена работа и дисциплина се искачи на врвот на БМУ Европскиот шампионат.

Со константни настапи и стабилни резултати, Мијалков обезбеди едно од најзначајните достигнувања за македонскиот мото спорт. Во негова чест, во Штип беше организиран свечен шампионски круг, на кој љубителите на мотоциклизмот му оддадоа признание за европскиот успех. Минатиот месец, по повод 8 Ноември – Денот на ослободувањето на Штип, доби и специјална награда и признание од градоначалникот Александар Јорданов и од Градот Штип, како благодарност за промоцијата на градот на меѓународната сцена.

Кој е Петар Мијалков?

Мијалков ја развива љубовта кон мотоциклизмот од најрана возраст. Иако интересот постоел долго време, финансиските услови го одложиле неговиот влез во спортот. Во 2017 година го купува првиот мотор и започнува да вози на улични патеки, а подоцна ги обезбедува потребните средства за тренинг на вистинска тркачка патека. Во 2023 година официјално влегува во светот на натпреварувањето.

Активно се натпреварува три години. Во 2024 година ја освојува првата голема титула – БМУ Европски вицешампион и државен шампион на Македонија. Во 2025 година ги освојува највисоките места и на БМУ Европскиот шампионат и на Државниот шампионат.

Надвор од патеката, Мијалков е посветен на семејството. Во брак е три години со сопругата Стефанија и има син, Драган. Семејството очекува нов член, што, како што вели Мијалков, претставува дополнителна мотивација во неговата спортска кариера.

 

Scroll to Top