Матијаж Кек повеќе не е селектор на фудбалска репрезентација на Словенија. По седум години соработка, 64-годишниот стручњак и Фудбалскиот сојуз на Словенија (НЗС) одлучија да тргнат по различни патишта, потврди НЗС во официјално соопштение.
Договорот на Кек истече на 30 ноември, а по разговор со претседателот на НЗС, беше заклучено дека соработката нема да продолжи, пишува Siol.net.
„На 30 ноември истече договорот на селекторот на сениорската репрезентација, Матјаж Кек. Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Словенија и селекторот Матјаж Кек се сретнаа и по разговорот заклучија дека по седум години многу добра и коректна соработка, која донесе и исклучителен успех со пласманот на Европското првенство и осминафиналето, соработката да не продолжи“, се вели во соопштението за јавноста на НЗС.
Со ова, официјално започна потрагата по нов тренер, а медиумите веќе го поврзуваат Кеко со враќање во Хрватска, каде, наводно, Звонимир Бобан сака да го види на клупата на Динамо Загреб.
НЗС се заблагодари на Кек за сè што постигна. Достигнувањата, како што наведуваат, засекогаш ќе останат запишани во историјата на словенечкиот фудбал.
Кек остави длабока трага во словенечкиот фудбал, водејќи ја репрезентацијата во два наврати, вкупно повеќе од една деценија. Во својот прв мандат (2007 – 2011), тој ја предводеше Словенија до Светското првенство во 2010 година, каде што победија против Алжир.
Вториот, уште подолг мандат започна на крајот од 2018 година и беше крунисан со пласман за ЕП 2024, каде што Словенија стигна до осминафиналето и беше елиминирана од Португалија по изведување на пенали.
Раководството на НЗС, предводено од претседателот Раденко Мијатовиќ и директорот на репрезентацијата Миленко Ачимовиќ, сега има задача да го пронајде наследникот на Кек. Здружението вели дека нема да брза со одлуката, бидејќи следниот собир на репрезентацијата е дури во март 2026 година.







