Со нерешениот резултат против Бразил (1:1) на Светското првенство во 2026 година, мароканската репрезентација не само што освои важен бод, туку и испиша единствена страница во фудбалската историја.
„Атлас Лајонс“, кои на Светското првенство во 2022 година во Катар станаа првата африканска репрезентација што стигна до полуфиналето на Светското првенство, сега уште еднаш влего во историјата на Мундијалите.
Мароко стана првата репрезентација во историјата на светските првенства, која во еден момент на теренот имаше 11 играчи родени надвор од земјата чиј дрес го носат на теренот.
Овој интересен податок најдобро ја илустрира силата на мароканската дијаспора, но и успешната стратегија на Мароканската фудбалска асоцијација, која со години привлекува играчи од мароканско потекло родени низ Европа и Северна Америка.
Меѓу стартерите против Бразил беа фудбалери родени во дури четири различни земји.
Ашраф Хакими, Исмаел Саибари и Чади Риад се родени во Шпанија. Франција ги даде Иса Диоп, Нил Ел Аџнауи, Ајуб Буади и Ел Мурабет, додека Белгијци по место на раѓање се Чемсдин Талби и Билал Ел Ханус. Десниот бек Нусаир Мазрауи е роден во Холандија, а искусниот голман Јасин Боно во Канада.
Иако не се родени во Мароко, сите го заработија правото да играат за оваа репрезентација преку своите семејни корени и решија да ги поврзат своите кариери на меѓународната сцена со земјата на своите предци.
Мароко со години е пример за успешна врска со својата дијаспора. Благодарение на таквата политика, се создаде генерација која во 2022 година го воодушеви светот пласирајќи се меѓу четирите најдобри селекции на планетата, а сега продолжува да ги поместува границите и да поставува нови рекорди.
Ремито против моќниот Бразил уште еднаш покажа дека Мароко не е минлива сензација. Напротив, африканската репрезентација продолжува да биде еден од најнепријатните ривали на најголемата фудбалска сцена, додека во исто време нејзиниот состав сведочи за глобалниот карактер на модерниот фудбал.
Foto/ EPA







