Патрик Шик ја напушти репрезентацијата на Чешка

Чешкиот фудбал по елиминацијата од Светското првенство доживеа уште еден шок. Напаѓачот Патрик Шик, на 30-годишна возраст, одлучи да ја заврши својата репрезентативна кариера, објавувајќи ја веста на социјалните мрежи со порака дека на чешкиот фудбал итно му се потребни длабоки промени. Шик постигна 26 гола во репрезентацијата.

Одлуката на еден од најдобрите чешки стрелци не е импулсивна реакција на неуспехот во Мексико, туку, како што е наведено, долго размислувал за тоа. Тој одигра вкупно 56 натпревари за репрезентацијата.

„Ова беше патување полно со емоции, радости и разочарувања, победи и тешки моменти. Секогаш давав се од себе за репрезентацијата и се обидував да ја претставувам нашата земја на најдобар можен начин“, рече Шик.

Иако заминува горд на своите достигнувања, тој изразува и голема загриженост за иднината.

„Чешкиот фудбал може и мора да направи многу подобро од она што го покажуваше во последните години. Треба да се соочиме со вистината и да промениме многу работи што не функционираат на долг рок“, нагласи тој.

„Не го кажувам ова од лутина или разочарување, туку затоа што ми е грижа за чешкиот фудбал“, објасни тој на крајот од својата проштална порака.

Напаѓачот на Баер од Леверкузен се збогува со националниот тим како еден од најдобрите офанзивни играчи во историјата на земјата, а меѓународната слава ја стекна првенствено преку своите фантастични настапи на европските првенства.

Тој особено блесна на Евро 2020, каде што ја подели титулата најдобар стрелец на турнирот со Кристијано Роналдо со пет гола. Неговиот спектакуларен гол против Шкотска од половина терен влезе во фудбалската историја. Тој лоб удар му ја донесе наградата на УЕФА за најдобар гол на првенството, а потоа и номинација за престижната награда на ФИФА „Ференц Пушкаш“.

Стрелецот беше и на првенството во Германија во 2024 година. Со голот во мрежата на Грузија, тој стигна до бројката од шест гола на европските првенства, со што го престигна Милан Барош и стана најдобар чешки стрелец во историјата на континенталните натпреварувања.

Крајот на неговата репрезентативна кариера доаѓа во турбулентно време. На Светското првенство, Чешка доживес елиминација во групата со само еден освоен бод.

Scroll to Top