Поради проблеми со срцето опериран Фернандо Гаго

Поранешниот аргентински фудбалер и сегашен тренер на чилеанскиот клуб Универсидад де Чиле, Фернандо Гаго, беше итно опериран во Сантијаго де Чиле, поради кардиоваскуларни проблеми. Тоа се случи по победата на неговиот тим против О’Хигинс. Клубот соопшти дека Гаго е во добра состојба.

„Ја информираме јавноста дека нашиот тренер Фернандо Гаго помина низ серија кардиоваскуларни тестови и нема да го води тренингот денес. Фернандо е во добра состојба и е под надзор на нашиот медицински тим“, се вели во клупското соопштение.

Гаго ги почувствува проблемите во четвртокот, откако неговиот тим го победи О’Хигинс со 2:0 во натпреварот со кој заврши првиот дел од чилеанскиот шампионат.

Интересно е што шампионатот во Чиле продолжува и покрај Светското првенство бидејќи нивната репрезентација не се квалификуваше за натпреварувањето.

Според извештаите на локалните медиуми, Гаго, познат и по прекарот Пинтита, беше пренесен во болница и опериран во текот на ноќта. Порталот „АДН“, објави дека е хоспитализиран околу три часот наутро.

Се очекува Гаго да ги пропушти претстојните обврски на својот тим. Тој нема да може да го предводи Универсидад де Чиле во првиот натпревар од Купот на Чиле, кој се игра оваа недела против Сантијаго Вондерерс. Неговото место привремено ќе го заземе помошникот тренер Фабрицио Колочини.

Универсидад де Чиле е шестиот клуб во тренерската кариера на Гаго, откако тој предводеше клубови од Мексико и Аргентина, а беше предводник и на Бока Јуниорс во сезоните 2024 и 2025 година.

Гаго во кариерата играше во странство за Реал Мадрид, Рома и Валенсија. Тој исто така одигра 61 натпревар за аргентинската репрезентација.

Foto/ EPA

Scroll to Top