Фудбалскиот клуб Партизан преживува тежки моменти. Во неделата, доживеа чпора од Младост во Лучани (3:1) и по шест рунди во првенството се наоѓа на претпоследното место на табелата. Црно-белите, во првите пет натпревари веќе забележаа три порази.
Ден по новиот дебакл во Суперлигата, ФК Партизан излезе со вонредно соопштение.
„Во врска со моменталната состојба и резултатите во домашното првенство, се одржа состанок на кој присуствуваа претседателот на ФК Партизан Расим Љајиќ, генералниот директор Данко Лазовиќ, спортскиот директор Радосав Петровиќ и шефот на стручниот штаб Саша Илиќ.
Управата на ФК Партизан ја презема целосната одговорност за постигнатите резултати. Во согласност со претходно јавно преземената обврска, Управата одлучи дека поднесувањето оставки не зависи од исходот на уште еден натпревар. Членовите на Управниот одбор затоа, веднаш по натпреварот против Хетафе (во четврток), ќе ги поднесат своите оставки без оглед на постигнатиот резултат на тој натпревар.
Седницата на Собранието на ФК Партизан ќе се одржи во периодот од 21 до 25 септември, за време на првата репрезентативна пауза, кога ќе се донесат одлуки за изборот на органите на клубот и идното раководство на ФК Партизан. Точниот датум на седницата ќе биде навремено објавен на јавноста. До одржувањето на Собранието ќе биде обезбедено непречено функционирање на ФК Партизан, во согласност со Статутот на Клубот.
По натпреварот во Лучани, Саша Илиќ одлучи да поднесе оставка од функцијата шеф на тренерскиот штаб. На барање на раководството, исклучиво од чувство на одговорност кон Партизан и свесен за важноста на претстојниот натпревар, тој прифати да го води тимот против Хетафе. На крајот од тој натпревар, тој ќе поднесе оставка, без оглед на исходот од натпреварот.
До натпреварот против Хетафе, обврска на сите во клубот е да сторат сè што е во нивна моќ за тимот да постигне резултат од исклучително значење за продолжението на сезоната и иднината на Партизан.
Ги покануваме навивачите на Партизан да бидат со тимот, да дадат силна поддршка од првата до последната минута и да покажат единство кога на клубот му е најпотребно.
Нè очекува натпревар во кој сите мора да бидеме на иста страна, на страната на Партизан“, се вели во соопштението.







