Извршниот комитет на Фудбалскиот сојуз на Чешка (ФAЧР) објави дека репрезентативците нема да добијат бонус за победата против Гибралтар поради нивното однесување кон домашните навивачи по завршувањето на последниот натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026 година. Исто така Извршниот комитет донесе одлука да му ја одземе капитенската лента на Томаш Соучек.
Пред два дена, фудбалерите на Чешка го победија Гибралтар со 6:0 во Оломоуц во последното коло од квалификациите за Групата Л за Светското првенство.
Чешка го освои второто место во групата со 16 бода и ќе игра во баражот за пласман на СП 2026 година.
Локалните медиуми објавија дека чешките фудбалери одбиле да одржат традиционален говор на благодарност до домашните навивачи по натпреварот против Гибралтар.
Навивачите на домашната репрезентација не беа задоволни од игрите на репрезентацијата во квалификациите за Светското првенство.
„За жал, ставот на играчите целосно ги засени перформансите на теренот и фактот дека репрезентацијата се квалификуваше за баражот за Светското првенство во 2026 година.
Ниту еден од играчите не е над земјата, која имаат чест да ја претставуваат, а ниту еден од играчите не е над навивачите, кои ги издвојуваат своите ресурси, време и енергија за да ја поддржат чешката репрезентација“, се вели во соопштението на ФАЧР.
Навивачите имаат право да го изразат своето несогласување со незадоволителните настапи на репрезентацијата во последните натпревари, се додава во соопштението на ФАЧР.
„Реакцијата на играчите требаше да биде спротивна. Требаше да им се заблагодарат на навивачите. Не само за нивната поддршка на натпреварот со Гибралтар, туку и за нивната поддршка во текот на целиот квалификациски циклус за СП 2026. ФАЧР одлучи дека Томаш Соучек нема да биде капитен на следниот натпревар, а на играчите нема да им се исплаќаат бонуси за победата против Гибралтар. Овие средства ќе бидат донирани на оние на кои им е потребна помош. Им се заблагодаруваме на сите навивачи кои ја поддржуваат репрезентацијата“, се заклучува во соопштението на ФАЧР.







