По повеќе од 18 години и 1.297 последователни натпревари во основниот дел од НБА лигата, заврши неверојатната серија на Леброн Џејмс по број на натпревари со минимум 10 поени.
Најдобриот стрелец во историјата на НБА (42.268 поени) го заврши натпреварот со осум поени во драматичната победа на Лос Анџелес Лејкерс против Торонто Репторс од 123:120. Наместо да се обиде сам да ја продолжи серијата, тој му асистираше на Руи Хачимура за победничката тројка во последните секунди.
Џејмс имаше можност да го изведе последниот шут и да ја обезбеди победата, а со тоа и продолжувањето на серијата. Но, наместо тоа, тој се одлучи за, како што нагласуваше безброј пати во текот на својата 23-годишна кариера, „правилниот и најпаметен потег“. Тој му асистираше на Хачимура во левиот корнер.
Тројката на Хачимура помина низ мрежата со звук на сирена, а Џејмс ги крена рацете во воздух во знак на прослава на победата на тимот.
RUI HACHIMURA FROM THE CORNER FOR THE WIN OFF THE LEBRON JAMES DIME!
🚨 @TISSOT BUZZER-BEATER 🚨
Everyone Gets 24 pic.twitter.com/6J38hGVRYK— NBA (@NBA) December 5, 2025
Иако серијата сега е завршена, победата очигледно беше единственото нешто што беше важно. За Џејмс, ова беше деветтиот натпревар во неговата кариера во основниот дел од лигата во кој постигна едноцифрен број поени. Последниот пат кога се случи тоа беше на 6 јануари 2007 година.
Кога Џејмс ја започна неверојатната серија што заврши во Торонто, првиот избор на драфтот оваа година, Купер Флаг, имаше 15 дена, а најстариот син и соиграч на Леброн, Брон, имаше две години. Луѓето штотуку се запознаваа со социјалната мрежа Твитер (денес X), а претседател на САД беше Џорџ В. Буш.
Следните информации откриваат колку е моќна таа серија. Најдолгата активна низа натпревари со двоцифрен број поени сега ја држи Кевин Дурант, 37-годишниот играч на Хјустон Рокетс.
Тој има 267 последователни натпревари со 10+ поени. За да го достигне Џејмс, осмиот најдобар стрелец во историјата на НБА (30.996 поени) ќе мора да одигра 82 натпревари во следните речиси цели 13 сезони и никогаш да не заврши натпревар со едноцифрен број поени.
Најдолга серија од 10 поени во НБА
Леброн Џејмс 1297
Мајкл Џордан 866
Карим Абдул-Џабар 787
Карл Мелоун 575
Инаку мечот го пропушти Лука Дончиќ, кој отпатува во Словенија за раѓањето на своето второ дете, Остин Ривс ги предводеше Лејкерси до победа со 44 поени и 10 асистенции. Џејмс го заврши натпреварот со 8 поени, шест скока и 11 асистенции.
Foto/ EPA







