Во пресрет на натпреварот од второто коло на Светското првенство меѓу Босна и Херцеговина и Швајцарија, улиците на Лос Анџелес беа преплавени со сино-жолти бои.
Иако во Калифорнија сè уште беше утро, тоа не ги спречи илјадниците навивачи да создадат незаборавна атмосфера и да организираат голема колона кон стадионот.
Според репортерите на порталот „Кликс.ба“, навивачите првин се собрале на неколку клучни локации во градот, а атмосферата многу брзо се вжештила, пренесува „Индекс“.
Главниот збор на улиците на Лос Анџелес, очекувано, го имаа БХ Фанатикос, најпознатата навивачка група која ја следи репрезентацијата на Босна и Херцеговина ширум светот. Низ улиците одекнувале скандирања „Држава Босна“.
Во еден момент дел од навивачите извикувале и „Палестина“, што може да се слушне и на видеоснимките објавени од местото на настанот.
Со песни, тапани и препознатливи навивачки реквизити, беше формирана голема колона која гласно и гордо се упати кон стадионот каде што ќе се одигра натпреварот.







