Србија приреди вистинска сензација со победата над Германија 30:27 (13:17), во второто коло на Европското првенство во ракомет. Избраниците на поранешниот тренер на Вардар, Раул Гонзалес, со гранитна одбрана го шокираа големиот фаворит во второто полувреме, во кое надополнија негатива од четири гола.
Германија го диктираше темпото во првото полувреме, во кое Србија држеше приклучок благодарение на голманот Дејан Милосављев. Сепак во финишот на полувремето Германците успеаја да дојдат до голема предност.
Вториот дел, може да се каже дека е мастерклас на селекторот Гонзалес. Србите ги натераа Германците на период од шест минути без постигнат гол, поведоа со гол разлика, Германците одговорија со серија 4:1.
Вистинска драма се случуваше во финишот, а особено неверојатен беше моментот кога германскиот селектор побара тајм-аут, во моментот кога Кнор постигна гол, при водство на Србија 27:26.
— OvoOno (@OvoOnoX) January 17, 2026
Тој момент како да ги поремети Германците, Зербе промаши и седмерец, а потоа Србија мирно го заклучи натпреварот.
Којадиновиќ и Воркапиќ беа најефикасни со по шест гола, заедно со Пешмалбек (5), Додиќ (4) и Вања Илиќ (3). Се истакна и Милосављев, кој го заврши натпреварот со 12 интервенции. На другата страна, одлични беа Шлуров и Ушчинс (по 6 гола), како и Кнор (5) и Зербе (4).
Во последното коло, во оваа А група, Србија ќе игра против Австрија, а Германија ќе се соочи со Шпанија.







