Грчки тренер ќе ја предводи Саудиска Арабија на Светското првенство

Фудбалскиот сојуз на Саудиска Арабија ја потврди промената на селекторот, откако Ерв Ренар беше отпуштен на помалку од два месеци пред почетокот на Светското првенство. На Мундијалот, Саудиска Арабија ќе ја предводи грчкиот стручњак Јоргос Донис.

Одлуката беше официјално објавена преку каналите на Сојузот, со образложение дека промената е направена со цел „да се подобри квалитетот на националниот тим пред последните подготовки за Светското првенство во Северна Америка“.

Ренар со тоа го заврши својот втор мандат на клупата на Саудиска Арабија, кој траеше само неколку месеци.

Искусниот француски тренер беше запаметен по историската победа над Аргентина на Светското првенство во 2022 година, но резултатите по неговото враќање не ги исполнија очекувањата.

Тимот претрпе убедлив пораз од Египет во пријателски натпревар, а потоа загуби и од Србија, што дополнително го зголеми притисокот на јавноста.

Новиот тренер Донис потпиша договор до јули 2027 година.

Тој е поранешен грчки репрезентативец и тренер со богато искуство во европскиот и саудискиот фудбал, каде што ги водеше Ал Вахда, Ал Фатех и Ал Халиџ од 2021 година.

Сојузот истакнува дека Донис добро ги познава локалните услови и дека ќе може брзо да се адаптира во тимот, што се смета за клучно пред големото натпреварување.

На Светското првенство, Саудиска Арабија ќе игра во групата Х, заедно со Шпанија, Уругвај и Зелено’ртските Острови.

Натпреварувањето ќе го започне, против Уругвај на 15 јуни, по што следат натпревари против преостанатите ривали во групата.

Scroll to Top