Де Коло ја игра последната сезона во кариерата

Кошаркарот на Фенербахче и поранешен француски репрезентативец, Нандо де Коло, изјави дека ќе ја заврши кариерата на крајот од сезоната.

„Не реков дека ќе се пензионирам ако ја освојам Евролигата со Фенербахче. Но, да бидам целосно искрен, ова ќе ми биде последна сезона. Размислувам за тоа веќе некое време. Од почетокот на сезоната имав идеја дека ова може да ми биде последна година“, изјави Де Коло за францускиот „Бебаскет“.

Францускиот кошаркар моментално е надвор од терените поради повреда, а оваа сезона во Евролигата одигра 12 натпревари за турскиот клуб и има просек од 10,9 поени по натпревар.

Де Коло (38) пристигна во Фенербахче на почетокот на годината од Асвел. Претходно играше за Фенербахче од 2019 до 2022 година. Покрај Асвел и Фенербахче, францускиот кошаркар играше и за Шоле, Валенсија, Сан Антонио, Торонто и ЦСКА Москва.

Де Коло двапати ја освои Евролигата со ЦСКА, во 2016 и 2019 година, а во 2010 година беше победник на Еврокупот со Валенсија.

Во 2016 година, францускиот кошаркар беше прогласен за најкорисен играч (MВП) на регуларната сезона и на Фајнал Фор на Евролигата. Истата година, тој го доби трофејот Алфонсо Форд за најдобар стрелец на Евролигата.

Со француската репрезентација освои пет медали на големите натпреварувања, а се збогува со националниот тим по Олимписките игри во Париз во 2024 година.

Foto/ Depositphotos

Scroll to Top