Фудбалската репрезентација на Македонија го забележа и третиот пораз во Лигата на нации. Шкотска победи во Скопје со 2:0, во натпревар во кој Македонија уште еднаш како да не постоеше на теренот.
Сите аларми се вклучени, репрезентацијата нема игра, нема концепција, не знае да постигне гол. Седум натпревари во мандатот на Гоце Седлоски, пет пораз и две нерешени и 630 минути без постигнат гол.
По мечот разочарувањето кај фудбалерите беше големо. Дефанзивецот Висар Муслиу порача дека репрезентацијата не е заеба.ција, додека Елиф Елмас рече дека изданието на националниот тим било многу лошо.
„Многу работи треба да промениме, вака повеќе не оди. Треба малку да го смениме односот. Репрезентацијата не е заебан.ија, ова е највисоко ниво на европскиот фудбал, Играме во Лига Б каде има сериозни селекции, каде има сериозно квалитетни играчи. А, она што ние го даваме на терен на последните натпревари очигледно не е доволно, почнувајќи од мене па и кај сите други фудбалери“, изјави Муслиу.
„Реално ова вечерва беше многу лошо, тешко е да се зборува. Шкотска заслужено победи. Седум натпревари, ниту една победа и нула постигнати голови. Тоа е фудбалот, мора да се кренеме од ова, ако не ќе биде уште потешко“, вели Елмас.
Foto/ EPA/GEORGI LICOVSKI







