ГРК Охрид го оствари најголемиот успех во клупската историја. Вечерва во „Билјанини извори“, охриѓани ја освоија титулата во ЕХФ Европскиот куп. ГРК Охрид, во реваншот ја победи Татабања со 31:25 (12:11).
Финалниот меч во Европскиот куп, понуди фантастична борба на двата тима. Прво полувреме кое го обележаа голманите Андо и Пилоповиќ. Особено брилијантен беше голманот на Татабања, тој беше најзаслужен што Охрид на полувреме имаше само гол предност.
Неговиот колега, Пилиповиќ се „вклучи“ во првиот дел во неговиот финиш, кога со неколку интервенции, му овозможи на тимот да ја задржи предноста. Охрид не го поремети ниту црвениот картон на еден од најдобрите играчи, Иванковиќ, кој поради груб старт беше исклучен во 20-та минута.
Охрид патот до трофејот го трасираше на стартот на второто полувреме, кога разликата беше четири гола 16:12. Татабања не се предаде, по плус пет за противникот, се врати на минус од два гола, но тоа беше се што направија Унгарците.
ГРК Охрид до трофејот дојде со само еден пораз, во полуфиналето против Целје. А на тронот го наследи Алкалоид.
До победата, тимот на тренерот Борис Ројевиќ, го предводеше Јасухира со девет гола, шест постигна Стрмљан. Пилиповиќ на крајот имаше 13 одбрани.
Андо со 17 интервенции беше најдобра кај Татабања, Елеш постигна пет гола.
Foto/ ohridnews.com







