Интер од Мајами, актуелниот шампион на американската професионална фудбалска лига МЛС, го назначи 62-годишниот Гилермо Хојос, долгогодишен пријател на најголемата ѕвезда на клубот и за многумина најдобриот играч на сите времиња, Лионел Меси, за нов тренер.
Хојос досега беше спортски директор на клубот, а на тренерската позиција го замени Хавиер Маскерано, кој го напушти клубот во вторник од лични причини.
Хојос бил ментор во Барселона на почетокот на кариерата на Меси, а дуото е неразделно веќе две децении. Сепак, во своето воведно обраќање до медиумите на новата улога, Хојос рече дека пријателството нема да биде пречка кога станува збор за дисциплината на тренинзите.







